Мотокрос 2010
Пред околу 6 илјади гледачи, на прекрасната патека Милци, кај Гевгелија се одржа втората трка Гран При Македонија 2010 од отворениот Источно-европски шампионат во мотокрос. Шампионатот за отворен го прогласи градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов кој ги поздрави учесниците од балканските земји, посакувајќи им добредојде и победа за најдобрите. На мотокросот зедоа учество мотоциклисти од Македонија, Бугарија, Романија, Грција и Србија.
Во класата МX 1, првото место го освои грчкиот учесник во трката Критикос, Гоце Томовски го освои второто место, а нашиот сограѓанин Мирче Ќорнаков, во истата класа, беше седми. Во останатите класи победија Томпа од Романија, (МX65), Иванов од Бугарија, (МX85), Керемидас од Грција,(МX3) и Кушев од Бугарија,(МX ATV). Организатор на мотокросот беше Мотоциклистичката федерација на Македонија со подршка на АМСМ, АМД„Дичо Панов“ од Гевгелија, Горење-Македонија, а покровител беше општина Гевгелија. Следната трка од шампионатот ќе се вози во Кишниев, Молдавија на 17 и 18 април.





