Општи карактеристики
Оваа медитеранско подрачје од секогаш представувало значајна крстосница за патниците и стоката кои патувале од Европа кон Блискиот Исток или обратно. Со изградба на железничката пруга Скопје-Гевгелија-Солун во 1873 година и на автопатот Скопје-Гевгелија, таа стана значаен транзитен коридор. Гевгелија се наоѓа на само 70 km од Солун, а на 165 km од Скопје, главниот град на Р. Македонија. Токму поради значакните сообраќајници тука се вкрстуваат патиштата од север и југ, така што Гевгелија представува Европска порта за сите оние кои тргнале на север.
Клима
Гевгелија се наоѓа на 64 метри надморска височина и е под влијание на медитеранската клима, пред се, на средоземноморското климатско влијание од Егејското Море. Кожуф планина со својот највисок врв ”Зелен бег”, кој се наоѓа на 2.167 метри надморска височина, претставува природна граница меѓу медитеранската и континенталната клима. Гевгелија има 240 сончеви денови во годината, со годишна сума од 2.392 часови на осончување.Просечната годишна температура изнесува 14,3ºС, просечната годишна минимална температура изнесува 8,6ºС, додека просечната максимална годишна температура изнесува 20,6ºС. Највисоката максимална температура е измерена во јули 2004 година и изнесува 44,6ºС, а најниската минимална емпература е измерена во декември 1999 година и изнесува -16ºС. Просечната годишна сума на врнежи изнесува 649 мм/м². Најмногу врнежи има во месеците октомври и ноември, додека најсушни се јули и август. Меѓутоа, само на 4 јуни 2004 година наврнаа 213 л/м³. Просечниот број на денови со снежна покривка изнесува 4,а со магла 7 денови. Ваквите климатски погодности овозможуваат под ова медитеранско поднебје да виреат и медитеранските плодови, како што се, смоквите, калинките, маслинките, мандарините и лимоните. По долината на Конска Река, западно од Гевгелија, се среќава едно ретко и единствено зимзелено дрво на Балканот, познато како “Гол човек” (Arbutus andrachne), чие стебло е прекриено со црвенкаста и лушпеста кора.
Етимологија
Според една легенда за настанок на името Гевгелија се смета дека еден дервиш кој дошол и не сакал да си оди од Гевгелија, бидејќи многу му се допаѓало местото. Жителите не сакале да го примат и решиле насила да го прогонат. Разлутен од тоа, дервишот почнал луто да ги проколнува жителите кои се исплашиле и го повикале назад со зборовите гел-гери што значи ела назад. Иако легенда, гевгеличани ова го сметаат за заклетва на предците т.е. секогаш да бидат добродојдени оние што одлучуваат да ги задомат своите идеи во градот.







